Site hosted by Angelfire.com: Build your free website today!
ВМРО како реална суштина и легендарна моќ - Христо Татарчев

Идејата за слободата на Македонија се појави кај македонско-бугарскиот народ по силата на оној неминовен универзален закон во животот на народите, за развивање и конкретизација на мислата и вољата како народносно самосознание и историска реалност. Македонско-бугарскиот народ, откако се ослободи од духовно-културниот терор, за што тој дал најсветли фигури, како бр. Миладиновци, Жинзифов и др. не можеше да остане повеќе индеферентен спрема господарите на неговата родна земја при такви политичко-социјални услови. Затоа идејата за слобода за него беше една насушна неопходност за непречена пројава на неговиот дух и воља во животот. Имено, таа неопходност го принуди да ја напушти вековната пасивност и да прибегне со оние методи и дејствија за слобода, коишто беа одобрувани од светската историја и од самиот живот. Таа негова фантазија најпосле се обејективизира во почетокот на 1893 год. во форма на конспиративна организација - ВМОРО. Солун пак стана не само нејзино седиште, туку и центар на нејзината револуционерна дејност.

Нејзините основачи беа одраз и носители на аспирациите и желбите на својот народ, како и на сеопштата тенденција во таа епоха на народите - за слобода и национална самостојност. Тие излегоа од самата средина на бугарскиот народ во Македонија и тоа од сите нејзини краишта, како на пр. Даме Груев од Смилево, Петар П. Арсов од Богомила, Велешко, Хр. Батанџиев од Гуменџе, Андон Димитров од Ајватово, Солунско, Иван Д. Николов од Кукуш и д-р Хр. Татарчев од Ресен. Целта на ВМОРО, се состоеше во извојување слободата на Македонија во духот на автономијата - принцип кој подеднакво ги задоволуваше сите нејзини етнички единици, како и интересите на соседните држави, а за постигнување на таа цел беше прифатена револуцијата, како единствено испитано историско средство во борбата за слобода. Револуционерната борба беше прифатена и водена главно од бугарскиот елемент, но таа содржеше повеќе универзален мотив отколку егоистичко-националистички. Нејзината универзалност беше најкатегорично потцртана со девизата: „Автономна Македонија“, после со допуштањето на инородните народи да стапат во редовите на борците, инспирирајќи се од нејзините принципи и најпосле со забраната на гркоманските села да минуваат под ресорот на Егзархијата, услов, кој што создаде не мал конфликт меѓу ВМОРО и Егзархијата.

Револуционерната идеја се распространи неочекувано брзо по целата земја и за кратко време се создадоа моќни комитети. Тој брз успех на револуционерната идеја се должеше на фактот, што таа беше синтеза и израз на истите реални потреби на македонскиот народ и се јави истовремено пред неговите очи не само како мистериозна, туку и како конкретна моќна сила, којашто ја воодушевуваше неговата имагинација. Тој виде реална сила во четата на Гоце Делчев, којашто талкаше нестрашливо по планините и селата, за да го организира населението и веќе можеше, под закрилата на организацијата, да оди на својата нива без ризик за неговиот живот и да биде господар на својот труд и семејна чест. Исто така во социјално-културниот и стопанскиот живот, ВМРО внесе нова насока на сфаќања и дејствија со цел, да се создаде интимност, слога и соработка меѓу општеството и отделната индивидуа. Заради тоа се отворија вечерни училишта, се држеа неделни предавања, се воведоа судии за разгледување граѓански спорови и расправии, се забранија претераните свадбени богати гозби, што материјално ги истоштуваше новите семејства, се нареди да се престане со откупувањето на чифлиците солидарно од сите чифлигари на селото; се даваа упатства за градбата на хигиенски училишта, живеалишта и др. Таа сестрана рационална дејност на ВМОРО не можеше да не биде вреднувана и сфатена од народот што се однесува до отворените цели и причини, кои што ја условуваа. Таа сестрана дејност ја издигна пред неговите очи, во вистински култ, кому тој со задоволство ги принесуваше сите морални и материјални жртви за прославата на идеалот за слобода. И само при таква нефантастично спонтана, но свесно оформена и определена апотеоза, беа возможни оние возвишени легендарни подвизи на храброст и саможртва на македонскиот борец, импулсиран од воља на натчовечко суштество, кога тој во борбата со непријателот, го задржуваше последниот куршум, за да си го забие во својот череп или пак се искачуваше на бесилката со песна на уста, „да живее слободна Македонија" и со тоа борците ја крунисаа својата родна земја со ореолот на вечна слава и духовна сила. Само во такво сознание на долг и сваќање кон задачите на ослободителното дело, беа возможни движењата на четите по целата земја, како и пренесувањето на оружје од едниот до другиот крај без предавства. Исто така голем дел од народот помина низ какви не морални и физички мачења и лежеше по затворите, без да се издаде револуционерната тајна. Четите своите проповеди ги држеа во црквите пред мало и големо. Жената ја извршуваше стражата и службата на курир и др. Таа ретка појава во историјата, беше плод на возвишен идеализам, пројавен од самиот почеток и до крај, со нескршлива тврдост и доследност во историската борба и особено врз тој идеализам, се изгради духовната сила и моќта на ВМОРО. И по силата на нештата организацијата веќе требаше да премине од таа подготвителна фаза кон борбена - и затоа се фати со вооружување на населението и создавањето на борбени кадри - чети. Прашањето за вооружувањето беше предмет уште на првиот револуционерен конгрес, кој се одржа на 15-ти август 1894 год. во Ресен, меѓутоа неговото реализирање почна да се случува во голем размер одвај кон крајот на 1896 год. Тоа се одржуваше главно со средствата на населението и тука жената пројави еден редок патриотизам, кога за таа цел ги даваше и своите ѓердани. Притоа, целата земја наскоро се покри со добро организирани чети, на чело на коишто застанаа храбри и интелигентни сили и последователно се создаде институтот на селската полиција, во лицето на којшто, четите наидоа на силна материјална поткрепа, како што беше случајот со Давидов и со Пиперката во Кичево. Кога тие беа заобиколени од воени единици, - цели села им притекнаа на помош. Тој услов на ВМОРО му го одзеде нејзиниот таен конспиративен карактер и таа стана држава во држава, со соодветни државни функции и од 1897 г. натаму, зачестија апсењата во селата и градовите и средбите на четите со редовните воени единици. Таа револуционерна борба, којашто Високата порта и европската дипломатија ја фрли во една крајно критична напнатост, изнесе 46 борби во Солунско, 55 борби во Битолско, 21 борби во Скопско и 18 борби во Џумајско.

Таа заслужено го носи името „предилинденска епопеја“, - акт на возвишен индивидуален и колективен подем, полет на енергија, насочени со цената на смртта за постигнување идеалот на слободата; и тоа е реткост во историјата на континентот, како и по нејзината опширност. Предилинденската епопеја беше прелудиумот и ореолот на една логичка историска разврска - Илинденското востание. Неговото објавување се случи на 20 јули 1903 г. согласно донесеното решение на тајниот револуционерен конгрес во Солун од 2-ри јануари 1903 г. Илинденското востание беше и останува засекогаш еден голем настан од животот на македонските Бугари. Неговото историско значење не се мери само со грандиозната масовна форма и егзалтираната стихијност, туку исто така и со оној легендарен боречки дух и голема воља, - во којшто изумира се земно и суетно кај еден народ, кој се решил да умира за својата слобода. Илинденското востание беше и еден енергичен вооружен протест против големите сили за нивното толерирање на бесправната состојба во Македонија. Тоа изнесе необични и возвишени квалитети на карактери, на нескршлива енергија и воља, кога робот востана, наспроти своето примитивно вооружување, гради во гради против својот вековен непријател, за да ја извлече од неговите нокти слободата на својата родна земја. Неговото знаме со паролата „слобода или смрт“, се развиваше гордо во продолжение на 10 дена во убавото Крушево.

Општо земено, борбата се водеше со редок ентузијазам и пожртвуваност де масово, како во битолскиот вилает, де делимочно-партизански со атентати, четнички дејствија и др. Во таа борба македонскиот народ исфрли околу 20 000 борци, наспроти една армија од 350 000 души и даде околу 172 борби. Сигурно турската моќ победи и борбата требаше да се прекине поради зимата. Но таа борба за него беше од огромно историско значење, во смисол, што тој со цената на својата крв, најпластично ја оформи архитипичната бугарска народносна индивидуалност и стоички ги понесе консеквенциите од разрушителната акција од страна на турските орди, кога настрадаа околу 200 села и населби и беа испотепани и исклани околу 4 866 затвореници, од кои политички 1500 и др., без да биде уништена во него верата и надежта за продолжението на борбата до крајниот успех на делото. Воопшто, Илинденското востание беше кулминација на еден моќен народен подвиг, јуриш и акција, пројавени во името на слободата. Неговиот прекрасен блесок нема да угасне од никакво угнетување. Тоа ќе биде светулката на летечкиот македонски борец по стрмните тајни патеки во неговата татковина, за смртоносно да го собори нејзиниот грабач и ќе го стимулира секогаш за големи и бесмртни подвизи до изгревот на слободата. Илинден ќе остане легенда за идните поколенија и идол за нивните дејствија.

Д-р Хр. Татарчев

Илинденски лист. Издание на раководното тело на Илинденската организација, 2 август 1940 г.

<<Назад | Почеток

granicnik